Elena Oncevska Ager

May 6, 2026

Првите чекори кон (не)функционална писменост во раното образование

Како наставник по методика ги набљудувам случувањата во македонското образование преку моите студенти. Соработувам и со колегите наставници, од редовите на Македонската менторска мрежа (МММ), кои им се прекрасни училишни ментори. Но, особено ми е интересно да ги следам образовните искуства на моите две ќерки (5 и 8 години) во градинка и во училиште во државниот систем, кои, од разговорите со други родители, делуваат како прилично типични воспитно-образовни средини. Набљудувам кои видови на писменост се промовираат таму, и размислувам за цената на  некритичното прифаќање на она што се нуди, а и за тоа како може поинаку.

1. Прво неколку дефиниции заради ориентација. Функционалната писменост ја разбирам како комплексна вештина критички да се работи со различни формати на текст, и тоа текст разбран во својата најширока смисла, така што да опфаќа изразување преку буква, бројка, нота, тело, четка. Писменоста, како што прикажав во моите потсетници за планирање час во публикацијата Поттикнување функционална писменост, не е само когнитивен конструкт; таа е и афективна, и друштвена, и рефлексивна.

Поради нејзината комплексност, тешко (или подобро: невозможно) е да се стандардизира бидејќи таа треба (и мора) да изгледа различно кај секој ученик. Само ако изгледа различно кај секој од нас има шанса да започнеме нешто ново и иновативно, а не само да го повторуваме постоечкото. Како што вели Арент (1958), ако ги подготвуваме децата за веќе постоечката реалност, им ја ограничуваме креативноста и ризикуваме да ги вкалапиме. Ова е проблематично особено бидејќи постоечката реалност, ќе се согласиме, е далеку од совршена, локално, но и глобално (да ја земеме за пример кризата со етичноста што води во војни и во климатски катастрофи).

А, која е улогата на училиштето? Според Биеста (2022), училиштето претставува простор помеѓу приватниот живот (во семејството) и јавниот живот (во светот). Ни дома, ни на работа. Тоа е безбеден простор за пробување различни нешта, грешење (без страв од лоша оценка!), пробување пак. Некој вид лабораторија. Место што ќе ги подготви децата за преминот од дома во светот. Училиштето не е светот; уште повеќе, училиштето треба да биде заштитено од светот. Само така ќе претставува безбеден простор за децата да се сретнат со светот, а во тој процес да научат кои се тие во однос на светот, што таа средба значи за нив, што таа средба бара од нив, како таа средба може да биде различна, попродуктивна во иднина. Во овој процес децата стапуваат во дијалог со себеси, што, ќе се согласиме, не е наивна вештина, особено кога гледаме многу возрасни кои не умеат баш да водат дијалог со себеси, и се однесуваат незрело и покрај годините (да се потсетиме на примерите за војните и климатските катастрофи од погоре). Созревањето, значи, е долг, компликуван и неизвесен процес дури и за возрасните; училиштето ја има таа важната задача да помогне тој процес да отпочне кај децата.

2. Тоа се идеалите, да видиме што се случува во најраното образование. Децата рецитираат песнички што не секогаш ги разбираат, учат да читаат преку приказни со коишто тешко се поврзуваат, се обидуваат да запомнат апстрактни дефиниции што се несоодветни за нивното развојно ниво, не разбираат зошто им се математичките операции што ги учат. Следат медиумски содржини со проблематичен квалитет. Некогаш ТВ содржините во основното образование се исти како во градинка, нема заедничка разработка на содржините, како да се гледа ТВ за да мине времето. Првите лектири претставуваат скок од читање реченици кон читање огромен (во детските очи) текст. Светот е претставен како далечен, апстрактен и обесмислен, што претставува обратен потег од неговото доближување (ако целиме кон вистинска средба со светот), а понатаму и истражување и преобмислување – создавање нови светови.

Сето ова во контекст на традиционалните сфаќања за училишната дисциплина, што не им помага на децата да се чувствуваат важни, способни и креативни – соработници на возрасните, не нивни потчинети. Во моментов со студентите ги истражуваме правата на децата во македонскиот образовен простор и приказните што стигаат до нас се загрижувачки; редовно слушаме за наставници што викаат, казнуваат, претресуваат, бркаат деца од часови. Не изненадува што децата често го доживуваат училиштето како казна; имаме и приказни за деца кои кога на ТВ ќе видат ходник од затвор ги прашуваат родителите дали снимката е од некое училиште.

Традиционалните училишни задачи и крутата дисциплина како да се замислени да спречат каква било средба: тие ги оддалечуваат децата и од светот, и од наставникот, и едно од друго. Секоја чест на исклучоците, но не треба да сме изненадени што воспитно-образовниот процес во сегашната поставеност не поттикнува особено комплексни писмености. Бесконечното повторување на постоечкото (познатото учење на памет) не остава простор за новите почетоци за кои зборува Арент. Училиштето во моментот, за жал, функционира како една голема, бизарна чекална. Одложување на средбата со светот. ( И, ова не е само македонски феномен.) Описменувањето во вистинската, комплексна смисла, им се остава на неформалното образование и на семејството, па кој има пристап до таква помош, има, кој не.... А се работи за суштинска вештина, не нешто што е фина дополнителна вештина што може ќе им се најде на децата во животот.

3. Конечно, алтернативи. Тука се клучни наставниците и нивното образование и писменост. Добар наставник ќе умее да изамортизира и најлош учебник – секако, без ова да биде оправдување за постоењето на лоши учебници! Во мојот идеален образовен систем, на предметите би им се пристапувало интердисциплинарно. Така, математиката би се учела со музика, буквите би се учеле со цртеж. Настава преку уметност. А преку изложеноста на уметност, децата да создаваат нова, нивна уметност.

Пред некоја година Небојша Гелевски-Бане од Кома Дизајн Студио одржа прекрасна работилница за типографија за деца, па децата цртаа тажни, бушави, мокри букви. На вакви работилници и возрасните можат да научат од детската креативност, во духот на вистинска соработка – па којзнае, можеби ќе осамне и некој нов, заеднички, откачен фонт.

Во идеалниот свет, децата и би раскажувале, пишувале, илустрирале (замислете, авторски одделенски приказни) и меѓусебно би си ги читале приказните. Со толку многу креативност под училишниот кров, не знам зошто не постои училишно издаваштво (ова не мора да чини, изданијата можат да бидат и во електронска форма за полесно споделување помеѓу одделенијата и помеѓу училиштата, а да се печатат локално и ефтино, по потреба).

Да заклучам, децата можат да понудат многу повеќе од она што им го задава сегашниот образовен систем; наместо бесконечно да го набљудуваат светот, да учат и да повторуваат за него, до степен да не можат да замислат ништо инакво, на децата им треба доверба и услови да се сретнат со светот – им треба лабораторија, не чекална.

Ова излагање беше дел од тркалезната маса на тема функционалната писменост во наставата на сите образовни нивоа одржана на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

Елена Ончевска Агер e редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. elena.oncevska@flf.ukim.edu.mk 
ФП Тркалезна маса (постер).jpeg