Конвенција за правата на децата
За сите нас кои во некое својство, како родители и/или наставници, се грижиме за деца, почетокот на новата учебна година е добра прилика да се преиспитаме: до каде сме, со кои предизвици се соочуваме, каде сакаме да одиме. Една корисна рамка за вакво преиспитување е Конвенцијата за правата на децата, достапна во резимирана верзија и на македонски тука.
Во конвенцијата, детето е дефинирано како “секое човечко суштество на возраст под 18 години“, иако поновите истражувања укажуваат дека развојот на адолесцентите трае до 24 години – не до 19, како што порано се сметаше. Ова значи дека за здрав развој на младите, слично како и за децата, иако во различни формати и размери, потребна е топлина, поддршка, поттик. И обратно: отсуството на топлина, поддршка и поттик може да го попречи развојот на адолесцентите. Со новата дефиниција за адолесценцијата, значи, во категоријата деца и млади спаѓаат сите учесници во образовниот процес, од градинка заклучно со факултет. Иако овој текст може да се однесува на повеќе возрасти (деца и млади), фокусот ќе го ставам на третманот на детските права во градинките, со оглед на тоа што сум родител на деца кои изминатава година одеа во градинка и имав директен увид во нивните искуства.
Како дознавав за искуствата на моите деца во градинка?
Во еден период, тие редовно, откако ќе се вратеа дома, одглумуваа епизоди од нивниот престој во градинка. Секогаш влегуваа во улога на учителки, а тоа значеше викање по нивните замислени деца, нивно замолчување, потсетување што е „забрането“ да се прави во градинка, закани со казни (на пр., носење на големите во „бебешката група“, кажување на родителите, носење во полициска станица, отпишување од градинка). Со други зборови, им се обраќаа на нивните замислени деца како што замислуваме затворски чувари дека им се обраќаат на затворениците (што, патем, исто така претставува кршење на нивните човекови права). Се консултирав и со други родители, чии деца одат во други градинки – приказните коишто ги разменувавме беа многу слични.
Кои се членовите од Конвенцијата за правата на децата за кои имам чувство дека се на особен удар? Ќе објаснам низ примери.
- Член 2: Правата што се штитат во Конвенцијата ќе бидат обезбедени без никаква дискриминација. Дискриминација гледам во поделбата на бебиња наспрема „големи“ деца. Сугестијата дека за престап се оди во бебешка група кај децата создава претстава дека бебињата се инфериорни, помалку луѓе во однос на поголемите. Но, возраста не е единствениот критериум за поделби. Друг, можеби почест критериум е колку децата се послушни, па имате умни наспрема неумни деца. Неумните често завршуваат во ќоше, со вообичаениот изговор „да размислат за своите постапки“. За оваа дисциплинска постапка тешко ќе најдете покритие во современите, релевантни педагошки четива. Наставникот е должен на секое дете да му пристапи со почит и да се обиде да разбере зошто детето се однесува на овој или оној (немирен) начин. Детето и да сака, развојно не е способно да сфати зошто е немирно, а уште помалку да му го објасни на возрасниот таквото сознание; наставникот треба да забележи. Дали детето се чувствува доволно безбедно? Можеби активноста му е здодевна или тешка? Или бара припадност? Дали му треба игра? Или малку повеќе слобода? Дали му треба растрчување надвор? Наставникот, во таа смисла, има многу тешка задача: постојано да ги следи однесувањата на децата (а групите се големи!), да учи како функционираат, да планира различни, интересни активности за да има за секого по нешто, да има план Б за кога некоја идеја нема да се реализира како што била замислена. Се работи за многу комплексни вештини што цел живот се учат и се подобруваат колку подобро ја познавате групата. За споредба, за казненото ќоше не е потребна некоја посебна вештина, а ефикасноста на оваа дисциплинска постапка е 5 минути. Можеби поважно е тоа што ќошето не е во најдобар интерес на детето, туку на наставникот. И тука доаѓаме до Член 3 од Конвенцијата.
- Член 3: Во сите активности што се однесуваат на децата, најдобриот интерес на детето ќе биде од примарна важност. Кои други активности во градинка не се во интерес на децата? Принудното спиење на пладне е една од поочигледните. Не познавам возрасен човек што со ќеф се присеќава на дремките во градинка. Особено кога децата чувствуваат дека не им требаат. Изговорите на учителките се обично дека нема кадар за да се понуди поширока палета активности на пладне. Но, во Конвенцијата не стои дека правата на децата можат да се суспендираат доколку возрасните не најдат начин да им ги остварат. Правата им следуваат на децата, безусловно. Понатаму, во најдобар интерес на децата не е ниту сите колективно да мора да мочкаат пред спиење, а ако на некој му се примочка додека лежи, да мора да чека додека не заврши одморот. Или да мора да лежат на страна (или, уште полошо, на стомак, и тоа после ручек!) за да не зборуваат со другите деца. Не сум до крај сигурна дека последниве приказни воопшто потпаѓаат под Член 3 – видете ги и членовите 16 и 19 подолу.
- Член 16: Детето треба да бидат заштитено од незаконски напади на неговата чест и репутација. Приказната за затворскиот дискурс којшто моите деца го носеа дома припаѓа тука. Такво дехуманизирачко обраќање од возрасен кон дете претставува класичен напад на честа и достоинството на децата. И казненото ќоше на сличен начин го подрива достоинството на децата. А и во Член 28 јасно стои: Училишната дисциплина треба да се спроведува на начин што е во согласност со достоинството на детето.
- Член 19: Државата ги презема сите […] мерки за заштита на детето од сите форми на физичко или ментално насилство, повреда, злоупотреба, занемарување, малтретирање или експлоатација. Како родители, со деца што одат во различни градинки, слушаме за навредливо обраќање кон децата од страна на учителките. Слушаме и за физичко насилство, и го пријавуваме.
Освен детски права што се прекршуваат, има и такви што немам чувство дека се практикуваат. Видете го, на пример, Член 12: Детето има право да ги искаже своите ставови за сите прашања што влијаат на него, и на ставовите на детето треба да им се даде соодветна тежина. Да, во идеални услови, децата би биле прашани за тоа како се чувствуваат кога им се вика. Или кога ќе мораат да ги отседат минутите во казненото ќоше. Или како е да мижат цел час додека лежат во позиција што не им е удобна за да не зборуваат со другарчето. Додека им се мочка. Или зошто не играат надвор. Кога би се консултирале децата и кога на нивните ставови би им се дала тежина, мислам дека градинките би изгледале многу поразлично. И учителките би биле посреќни, бидејќи децата би правеле повеќе од оние нешта што сакаат да ги прават, па би имало помалку причини за бунт и помалку „неумни“ деца. Замислете, на пример, колку идеи би добиле ако само една група деца добие задача да ја нацрта својата градинка од соништата. А ако различни возрасни групи цртаат на истата тема со цел размена на идеи? А ако различни градинки на сличен начин ги сондираат желбите на децата?
Назад во реалноста
Што можеме да сториме ние, како родители? Неколку работи, иако полесно е да се напишат отколку да се направат:
- Да им помогнеме да ги процесираат искуствата што ги доживуваат како трауматични. За моите деца, тоа беше затворскиот дискурс. На почетокот, ги молев да не викаат и да глумат нежни, топли учителки – без успех. Подоцна почнав да читам психолошка литература и дознав дека глумењето е креативен начин на којшто децата процесираат нешта што лично ги погодиле. И затоа, не треба да ги прекинуваме и замолчуваме, бидејќи на тој начин го спречуваме процесирањето, што очигледно им е потребно.
- Да ги учиме дека имаат права и дека некогаш, во образовни или други ситуации, може да се случи некој да ги прекрши нивните права. Треба да знаат да препознаат различни видови насилно однесување. И, можеби поважно: треба да знаат дека не се тие виновни за нечие туѓо насилство. Ова дотолку повеќе што децата се доволно егоцентрични за да мислат дека сè што се случува околу нив е последица на тоа кои се тие и како се однесуваат.
- Да ги застапуваме кога ќе имаме индиции за прекршување на нивните права. Тие се премлади за (1) да разберат во целост апстрактни поими како што се детските права, (2) да го препознаат нивното пречекорување и (3) соодветно да информираат за тоа.
- Да им помагаме да ја истражуваат и развиваат сопствената автентичност. Не да бидат „умни“ по секоја цена, само затоа што тоа му одговара на возрасниот што во тој момент се грижи за нив. Ако задачата и/или возрасниот не заслужуваат децата да бидат умни, тие не треба да бидат умни. Впрочем, слободата на израз е гарантирана со Член 13: Детето има право на слобода на изразување, вклучувајќи го и правото да бара, прима и пренесува информации и идеи од секој вид. Најпосле, мислам дека како што стојат работите, возрасните треба да бидат тие што ќе дадат пример за тоа што значи да се биде умен, но во вистинската смисла на зборот, не во оваа што се користи во градинките како еуфемизам за конформизам. Умен возрасен, на пример, ги знае правата на децата и прави сѐ да не ги прекрши.
- Да им ја понудиме целата топлина и безрезервна поддршка што средината не секогаш може, или умее, да им ја пружи. Да знаат дека се забележани, вредни, корисни, способни членови на семејството. Таквото знаење ќе ги направи и посмели ученици што нема да се плашат од грешки, па и од единици.
Добрите педагози ќе нè препознаат нас, родителите, дури и кога имаме да соопштиме неубави искуства, како соработници во развојот на децата. Навистина, децата учат од цел сплет влијанија, не само од семејството, иако семејството е веројатно најсилното влијание. Што нè враќа на почетокот на текстот: дали ние како родители доволно ги знаеме и почитуваме правата на нашите деца? Можеме ли подобро? Ајде.