Прв родителски состанок, второ одделение. Ни беше кажано дека децата што ќе остануваат во дневен престој мора да се претплатат за топол оброк. Ова е истиот топол оброк што минатата година го откажав бидејќи ќерка ми редовно го враќаше дома - не ѝ се допаѓаше. Со оглед на тоа што добавувачот е ист, знаеме дека таква услуга не ни треба. Но, мораме да ја платиме? Да видиме колку е издржана ваквата позиција на училиштето.
Законот за основното образование во Член 62 вели:
Законот за основното образование во Член 62 вели:
Основното училиште во договор со родителите, а согласно Законот за јавни набавки, може за сите ученици да организира најмалку еден оброк во текот на престојот во училиштето. Трошоците за оброкот ги плаќа родителот.
Со затемнети букви ги означив деловите од Членот што недвојбено ги гарантираат правата на родителот. Училиштето може да ја понуди услугата топол оброк како помош кон згрижувањето на децата, но нема право да нѐ принудува да склучуваме договори за услуги што не ни требаат. Слободата да одлучуваме е загарантирана со закон.
Улогата на училиштето е да понуди помош и да посредува помеѓу нас и надворешни фирми (на пр., да ни ги понуди услугите на фирмата, да ги отстапи своите простории за да се реализира услугата, да обезбеди кадар за да помага во процесот). На многу родители и деца ваква услуга им треба, и добро е училиштето да понуди поддршка. И тука завршуваат ингеренциите на училиштето - тоа не е потписник на договорот, договорот е помеѓу родителот и фирмата.
Оттука, секакво принудување од страна училиштето за родителот да прифати поддршка што не му треба, особено преку склучување договор со надворешни фирми, значи пречекорување на законските овластувања на училиштето.